Како се справив со масната кожа?

Масната кожа е проблем со кој јас се запознав пред приближно две години кога и мојата кожа на лицето од нормална стана сосема масна, особено во летниот период.

Водена од тоа, денес сакам да Ви ги пренесам моите искуства поврзани со негата на ваквиот тип на кожа и производите кои јас ги користам во моментот.

Кога мојата кожа почна да се масти, едноставно започнаа прекумерно да се појавуваат акни и некое време испробував огромен број производи со надеж дека ќе пронајдам „спас“ за мојата кожа. Многу производи кои ги користев, навистина беа делотворни, но краткотрајно. Едноставно мојата кожа како да се навикнуваше на нив и стануваше имуна на нивното дејство.

Така, од пред 6 месеци, почнав да користам поагресивни производи и доста тешки мат пудери кои ми беа потребни за изработка на јака шминка за различни прослави кои следеа. Мислам дека тоа ја влоши состојбата со мастењето на мојата кожа, а производите кои дотогаш ги користев за нега на моето лице, речиси и да не влијаеја. Па така, се впуштив во потрага по нова линија производи за нега на лицето кои конечно и потполно ќе ѝ одговараат на мојата кожа и кои ќе ми помогнат да ја отстранам дополнителната маснотија од неа. Секако, започнав и со консумирање на здрава храна што се покажа како еден од најбитните фактори за решавање на овој проблем. Масните пити, буреци и пици ги заменив со обарен зеленчук и месо, а како десерт воведов црна чоколада и овошје. Сепак, не се откажав во целост од масната храна  и неа ја конзумирам повремено.

Во таа потрага по совршена линија за нега на мојата масна кожа, се запознав со францускиот бренд на природна козметика Yves Rocher, и нивната линија за нега на масна кожа Sebo Vegetal. Тоа е линија на производи кои во себе содржат Бајкалска прав што ја прави кожата чиста и матирана.

Оваа колекција содржи повеќе производи, но јас ги зедов следниве:

SLIKA-1

SLIKA-2

Веќе по првото користење на некој од производите можев да забележам разлика на мојата кожа, а 10-ина дена подоцна вистинските резултати почнаа да се појавуваат. Мојата кожа се смири во поглед на акните, исто така се намали себумот на неа, кожата се исчисти и се изедначи во тон.

Ова значеше многу за мене, па затоа сум презадоволна од ефектот кој оваа линија го остави на мене.

Самата линија има благ мирис, пријатен и сосема нежен што мене посебно ми одговараше поради тоа што имам осетливи очи, а овие производи воопшто не ги иритираа.

Мицеларната вода на еден благ начин ја отстранува секоја шминка и нечистотија од кожата, па секоја вечер преферирам прво да преминам по кожата на лицето со тупфер натопен со оваа мицеларна вода. Потоа користам некој благ гел за миење, а неколку пати во текот на неделата го користам пилингот кој се наоѓа во оваа линија и одлично ги отстранува мртвите клетки од нејзината површина.

SLIKA-3

SLIKA-5

Доколку треба да изберам само еден производ од оваа линја, тоа дефинитивно би била маската за лице која, можам да кажам, е исто така и мојот „спасител“ и најголем сојузник во борбата против масната кожа на лицето.

Оваа маска е одлична по својата текстура, а секако и по нејзиното дејство. Јас ја нанесувам еднаш во текот на неделата или во текот на 10 дена, во слој кој ќе го прекрие моето лице и оставам да дејствува додека не се исуши потполно. Покрај тоа што оваа маска длабински ја чисти кожата , со самото сушење на лицето, го собира сиот себум од кожата и така ја остава чиста, мазна, изедначена и без прекумерна маснотија.

Откако кожата е добро исчистена со претходните производи, на чисто лице нанесувам сосема мало количество серум од оваа линија кој, видливо, само после неколку минути ги затвора порите, па лицето добива порцелански изглед. И на крајот, следува гел-кремата на оваа линија по чие нанесување кожата на лицето е видно хидрирана и здрава.

SLIKA-4

SLIKA-7

Оваа крема, поради својата геласта структура, одлично дејствува и како подлога за шминкање.

SLIKA-6

 

Марија Ѓорѓијоска Анѓелеска, beauty-блогер и сопственик на блогот My Make Up Bag M

 

Photo/lapelle.co.za

 

*За примена на препораките во текстовите поврзани со здравје и исхрана, доколку е потребно, претходно консултирајте се со стручно лице.

*Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземена истата.