Bookstar17: Промоција на книгата „Диссомнии“

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ДИССОМНИИ“

ОД МАКЕДОНСКИОТ ПИСАТЕЛ ИГОР СТАНОЈОСКИ 

 

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ со големо задоволство ја најавува промоцијата на романот „Диссомнии“, најновата книга на македонскиот писател Игор Станојоски, како дел од програмата „Македонска поддршка“ на Фестивалот. Промоцијата ќе се одржи на 4 ноември 2017 година, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ. Промотори на романот ќе бидат Лидија Капушевска-Даркулевска и Душко Крстевски.

„Диссомнии“ е сижејно комплексен роман со исклучително непредвидлив тек на раскажаните настани. Дејството е со многу пресврти и содржи елементи на трилер, хорор и психолошки роман. Читателот од самиот почеток ужива во сите раскажувачки нишки, но оставен е до пред самиот крај да се прашува каде води сето тоа и со што ќе резултираат сите елементи на личната и семејната драма на раскажувачот, изненадувачки испреплетени со колективната драма предизвикана од општествени немири.

„Роман каков што досега не видела македонската литература. Уште еднаш, можеби најсилно досега, Станојоски се покажува како мајстор за заплети, брзина, акција и изобилство од дејство, шокантен во самиот крај. Да, ова е роман што шокира и трајно се врежува во меморијата“, пишува во рецензијата кон романот Фросина Пармаковска.

„Роман што ве голта во својата пајакова мрежа, исполнета со неизвесност и со авантура што се разгорува со секоја нова страница“, коментира рецензентот Душко Крстевски.

Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген (1979). Дипломирал во Скопје на Катедрата за македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов, Катовице и Брно. Докторирал во Полска во 2009 година. Од 2014 година е насловен доцент на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Автор е на романите „Гаргара“ (2014), „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ (2016) и „Диссомнии“ (2017).

Големото финале на третото издание на Фестивалот ќе се случи на 5 ноември 2017 година, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ, кога ќе биде промовирана поетската антологија „Нема стих, нема мир!“

2

Добре дојдовте во светот на книгите, добре дојдовте во „Антолог“!

 

Следете нè на:

 

Facebook

 

Twitter

@Antolog_Books

 

Instagram

antolog_books

 

Youtube
https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA

 

За „Антолог“

АНТОЛОГ – Скопје е книгоиздателство првпат основано на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски. Овој датум истовремено e формален почеток на една дамнешна идеја, но и продолжение на долга и разновидна уметничка традиција. Сè до 1903 година, во семејното стебло на Кујунџиски се впишани неколку генерации златари-кујунџии, чии филигрански ракоделија денес се втопени во морето на креативниот гениј на македонскиот народ. Хуморот, сликарството, актерството, уметничката фотографија, исто така, се дел од меморијата и оставината на Кујунџиски. Но, Зборот е оној што отсекогаш бил наша првична и основна инспирација. Зборот преточен во книжевност, belles-lettres

Повеќе информации: www.antolog.mk

 

Контакт „Aнтолог“
Кристина Велевска

ПР
e-mail: kristina@antolog.mk