Стравот

Секој има право да го нарече стравот како што сака, како што чувствува. Секој има право да кажува начини и тактики кои на некому би му помогнале со овој проблем.

Некои го нарекуваат токму така – проблем. И тоа колку голем проблем, до тој степен што создаваме и физичка болка. Создаваме да, ние ја создаваме болката зашто ние го создаваме и стравот. На некој начин сами се бориме со себе, постојано. Некој ќе рече стравот не е борба тој треба да се прифати како дел од себе и треба само да го игнорираме. Јас сум повеќе за оваа реченица:

Да, дел е од нас, но не засекогаш. Да речеме, дека е некој (не)пријател, од оние со кои можеби ти оди муабетот за некои теми, знаеш дека немаат добро влијание врз тебе и не ти мислат добро, само те успоруваат и туркаат надолу. Не знаеш зошто си со него, не ти се допаѓа дружењето и влијанието, но сепак се дружиш, не знаеш ни самиот зошто. Е така би го опишал некој стравот. Не оној страв со кој се раѓаме, не оној реален страв кој го има секое живо суштество, туку ОНОЈ кој го храниме секојдневно, оној кој преминува од еден во друг и оној кој го зголемуваме во нашите глави и го растеме секој ден, оној кој ни забранува да дишиме вистински.

Како да се ослободиме? Кој успеал веднаш секоја чест. Кој не, никогаш не е доцна. Побарајте помош, совет од лице кое се соочило со истото, од стручно лице, од некој што мислите дека може да ви ги каже оние 2,3, 4 магични зборови  (за некого и само тоа е доволно) кои ќе ви ја вратат свеста дека вие уствари не живеете поради стравот, дека се мачите. Тешко е, но само вие може да го исфрлите од вас како што го внесовте, без разлика дали на тоа влијаела околината, или некое тврдење, некоја заблуда.

Борбата со стравот, најчесто предизвикан и хранет од анксиозноста може да биде добиена.

Само од вас, а со помош на свесност! Кога ќе успеете да го надминете, ќе почувствувате како некој да ве ослободил од кафез, како дишите, како почнувате вистински да го мирисате воздухот, морето, како да бидете благодарни за тоа што се, за тоа што го имате. Ќе почнете вистински да ги доживувате дружењата со пријателите, без да бидете отсутни мислејќи на стравот.

Создадете свои тактики или послужете се со веќе испробани  и исфрлете го од себе, бидејќи не ви е потребен!

Д.Б

*Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземeн текстот.