„Виолетова нега“ на русата фарбана коса

Оние кои ја фарбаат косата руса знаат дека таа бара преголема посветеност, нега, време и пари за нејзино одржување.

Честопати се случува Вашата руса боја на коса, по кратко време од фарбањето да добие жолтеникаво-портокалова нијанса. Оваа појава е нормална кај оние кои имаат природна темна боја на коса. Всушност, бланшот не го отстранува целосно пигментот од влакното, овозможувајќи топлите тонови од природната боја да се појават.

Исто така, појавата на ваквата лоша нијанса на косата може да е резултат и на честото миење на косата, а со тоа и плакнењето на фарбата. Всушност, фарбата се состои од молекули од црвена, сина и жолта боја. Сината боја најбрзо се измива, при што остануваат црвената и жолтата.

За среќа, помеѓу две фарбања, на сцена настапува виолетовиот шампон за нега на саканата нијанса на косата.

2-2

Зошто баш виолетова боја на шампон? На „тркалото на бои“ секогаш боите кои се спротивни, всушност се неутрализираат. На ова тркало, жолтата боја се наоѓа спроти виолетовата. Значи, „жолтилото“ на русата коса ќе се неутрализира со виолетовиот шампон.

Треба да знаете дека овој шампон не може да го замени обичниот шампон за миење на косата. Овој шампон можете да го употребувате само еднаш неделно. Важно е да знаете и дека со овој шампон можете да претерате доколку не се држите според упатството за употреба, односно ако го чувате предолго на главата или пак, ако пречесто ја миете косата со него. Во овој случај можете да добиете многу потемна нијанса, бидејќи ќе елиминирате премногу од жолтиот тон.

3-3

Освен виолетовиот шампон, можете да употребувате и вилоетова маска за коса, позната уште како „Silver маска“. Исто како и шампонот, се употребува најмногу еднаш неделно, се нанесува по целата должина на косата и се внимава на времето на стоење.

Виолетовиот шампон и маска може да го употребуваат сите оние кои имаат седа коса, сребрена, руса, платинеста боја или пак, оние кои имаат вадено прамени.

Овој шампон и маска не треба да го употребуваат оние кои имаат руса коса, но со топли подтонови.

 

Е.С.

 

photos/ marieclaire.co.uk, sosueme.ie, rodneywayne.co.nz

 

*За примена на препораките во текстовите поврзани со здравје и исхрана, доколку е потребно, претходно консултирајте се со стручно лице.

* Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземeнa истата.