Се отвора „BookStar4“ (13 – 21 Ноември 2018)

СО СПЕЦИЈАЛНАТА ГОСТИНКА СЛАВЕНКА ДРАКУЛИЌ

СЕ ОТВОРА „БУКСТАР 4“

 

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува четвртото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 13 до 21 ноември 2018 година. Под слоганот „TABOO OR NOT TABOO?“, Фестивалот оваа година претендира да излезе од класичната рамка на стерилно сфатениот академски третман на книжевноста, да се издигне над досегашните литерарни или книжевнички кулоарски муабети, да отвори прашања што ретко се поставуваат, да разработи општествени и социјално ангажирани теми. Таквите теми се лоцирани во делата на авторите гости, оваа година во најголем број досега. Како секоја така и оваа година, целта е преку уметноста на зборот и книжевното изразување да се продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа.

Untitled-1

Пред македонската публика оваа година ќе бидат претставени дури седум докажани и признати писатели од самиот книжевен врв на Европа, и тоа: Славенка Дракулиќ (Хрватска/Шведска), Џамал Уаријачи (Холандија), Офејгур Сигурдсон (Исланд), Михал Ајваз (Чешка), Антон Баев (Бугарија), Рику Корхонен (Финска),  Енес Халиловиќ (Србија), како и домашните Живко Грозданоски и Јосип Коцев (Македонија).

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Зоран Кардула, а настанот е организиран во соработка со издавачката куќа „Готен“.

Годинашната фестивалска програма вклучува најголем број книжевни настани досега, при што, секако, во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела. Фестивалските настани ќе се одржат на различни локации во Скопје.

„BookStar 2018“ ќе биде отворен на 13 ноември со промоција на збирката раскази „Невидлива жена и други раскази“ од една од највлијателните авторки во Европа во моментов, Славенка Дракулиќ, на која ќе ѝ биде доделена наградата „BookStar“ за книга што ја одбележува 2018 година. Расказите во оваа книга ги осветлуваат темните слепи точки на нашето општество со тоа што ја земаат невидливоста на повозрасните луѓе, смело прикажувајќи ги универзалните интимни мисли што секогаш ги одложуваме.

Настанот ќе се одржи во Клуб ресторанот МКЦ со почеток во 19:30 часот, промоторки на делото ќе бидат Ангелина Бановиќ-Марковска и Ана Мартиноска, а наградата на авторката ќе ѝ ја додели актерката Наташа Петровиќ.

Како што најавија организаторите, наградата „BookStar“ оваа година ја добива книгата „Невидливата жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ бидејќи таа се занимава со една предолго време премолчувана, често табуизирана тема, тоа е процесот на стареење и што сè носи тој, обработена на мошне комплексен начин, час низ призмата на иронијата, час низ окуларот на суровата реалност, час низ болката, час низ шармот на книжевната епифанија. Секој расказ од оваа книга посебно му влегува на читателот под кожа, терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да се препушти и на емоциите и на разумот. Менувањето на перспективите (прво и трето лице, машки и женски погледи, различни генерации) и прекрасно испреплетените автобиографски и фиктивни елементи во нарацијата прават читателот да се чувствува нурнат во текстот и истовремено дислоциран од него.

Славенка Дракулиќ ќе биде специјална гостинка и на следниот фестивалски настан, кој ќе се одржи на 14 ноември, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ. Под насловот „Жива литература“, овој настан е замислен како раскажувачки слем на однапред зададена тема, при што со надоврзување на неколку различни раскажувачи треба да се создаде една приказна. Темата за овој прв слем е „Мојата бивша“. Поканети учесници, покрај гостинката Славенка Дракулиќ, се и: Елизабета Баковска, Петар Андоновски, Калина Малеска, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Ѕвездан Георгиевски. Модераторка ќе биде Маријана Јанческа. Настанот е по идеја и концепт на Ана Василева.

Покрај овие две книжевни вечери, читателите ќе имаат можност и за поблиска средба со Дракулиќ дента на 14 октомври, во 11 часот, кога таа ќе гостува во книжарницата „Антолог“ во Центар (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31) и ќе потпишува книги.

По овие неколку настани со гостинката Славенка Дракулиќ, фестивалот „BookStar“ продолжува со програмата „Македонска поддршка“, во чии рамки ќе бидат претставени и промовирани двајца македонски автори со своите најнови дела.

На 15 ноември во 20 часот во кафулето „Винил“ ќе се одржи поетско читање под наслов „Сега е најдолгото никогаш“ на истоимената книга од Јосип Коцев. „Антолог“ ја објави „Сега е најдолгото никогаш“ во март оваа година и книгата влезе во поширокиот избор од десет книги во конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Ќе читаат авторот и поетесата Д. А. Лори.

„’Сега е најдолгото никогаш‘ би можела да се чита како љубовна поема, како поетска партитура во три става (’Сега‘, ’Никогаш‘ и ’Најдолгото никогаш‘). Кога ги читаме песните на Јосип Коцев, му се радуваме на поетското „сега и тука“, со леснотија доловено во секоја поетска слика. Речиси на секоја нова страница нè дочекува една убава стапица: сакаме пак да ја препрочитаме веќе прочитаната песна, но едновремено сакаме да свртиме и нова страница за да ја видиме следната, а се добива впечаток дека песните се прелеваат една во друга и како заедно да создаваат една поголема поетска синтеза. Затоа, оваа книга не е само стихозбирка (некаков збир и одбир на песни и стихови), туку заокружена поетска целина од педесетина песни“, пишува за книгата рецензентот Владимир Мартиновски.

Следниот ден, 16 ноември, во Клуб ресторанот МКЦ со почеток во 20 часот ќе биде промовиран најновиот роман на Живко Грозданоски – „Последното име на иднината“. Промотор на романот ќе биде Наташа Аврамовска.

„Последното име на иднината“ е приказна за животот на Јоха, инженер за тунели од Јена, Источна Германија, чиј живот од корен се менува откако ќе биде испратен да работи во едно испустено место на југот од Босна и Херцеговина. Приказна за телата, осаменоста, патувањата и за животот што го живееме и го замислуваме и на кој успеваме и сакаме да се сеќаваме. Приказна за еден човек што, најпосле, го води својот внук на блискиот рид од детството, гледа во балонот во неговата мала рака и помислува на тоа како сите нешта – во свое време и на чудесен начин – си доаѓаат на свое место.

Со промоцијата на последниот роман на Грозданоски завршува првата половина од фестивалот „BookStar“, а по кратката пауза за викенд, од 19 ноември започнуваат другите фестивалски настани со останатите гости на фестивалот, меѓу кои дури тројца добитници на престижната Награда за литература на ЕУ.

За време на „BookStar“ ќе се одржи и мал Саем на европската литература, на кој, покрај сите наслови од авторите учесници на Фестивалот, ќе бидат изложени и други дела од значајни европски автори и книги добитнички на Наградата за литература на ЕУ. Саемските цени од овој саем ќе важат и во книжарниците на „Антолог“.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ, Амбасадата на Кралството Холандија, програмата Креативна Европа на Европската Унија и Амбасадата на Република Чешка.

Каталогот на Букстар 2018 може да го погледнете тука

www.antolog.mk

* Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземeнa истата.