Како да се нашминкате доколку носите леќи?

Без разлика дали носите контактни леќи со диоптер или од оние во боја, сигурно сте забележале дека шминкањето на очите е малку поинакво .

Причините за тоа се многубројни: доколку леќите ги носите секојдневно, очите имаат специфичен црвенкаст изглед, подложени се на воспаленија и иритации, или пак, користите шминка која на леќите може да нанесе механичка штета.

Затоа, Ви нудиме совети како сигурно и убаво да се нашминкате доколку носите контактни леќи.

шминка

Прво ставете ги леќите, а потоа шминкајте се. (Секако, најпрво треба да ги измиете рацете за да избегнете нанесување бактерии на леќите). На овој начин, ќе спречите козметичките честички да завршат меѓу леќата и рожницата, а доколку носите леќи со диоптер, многу подобро ќе видите како работите. Доколку, по нанесувањето на шминката, не чувствувате пријатност на очите, извадете ги леќите, исчистете ги и ставете ги повторно.

Користете хипоалергиски козметички производи. Овие производи не ги иритираат очите. Избегнувајте да користите водоотпорна шминка која тешко може да се отстрани. Посебно внимавајте на шминкање на водената линија на окото, бидејќи по нанесувањето, шминката се разлева во окото. Внимателно и со вештачките трепки! Нанесувајте мала количина лепак на нив, бидејќи постои ризик од навлегување лепак во окото. Наместо сенка во прав, користете кремасти или гелни сенки. Очите дополнително може да се иритираат од груби апликатори. Со себе секогаш носете капки за суви и осетливи очи, за да ги навлажните секогаш кога ќе Ви е потребно.

Отстранете ја шминката по вадење на леќите. Ова спречува контаминација на леќата од шминката и од производите за бришење на шминката.

 

Е.С.

*За примена на советите, доколку е потребно, претходно консултирајте се со стручно лице.

 

насл/ oregoneyes.net

сл2/ fashionmumblr.com