Направете сами: Миризливи сапунчиња за бањање

Не постои ништо поубаво од тоа, после напорниот ден да си ја наполните кадата со топла вода со некоја миризлива арома. На пазарот се нудат најразлични производи за таа намена, од пенливи купки до сапунчиња кои се раствораат во вода. Некои од нив изгледаат толку неодоливо, како некои слатки колачиња за јадење, а не за бањање.

Некои производи кои ги имате во домот можат да Ви помогнат сами да ги направите овие округли сапунчиња. Не Ви е потребно никакво предзнаење за да ги направите, ниту пак е потребно готвење. За секое сапунче ќе Ви бидат потребни 10 минути.

сапунчиња-2

Потребни состојки:

½ шолја лимонтус

1 ½ шолја сода бикарбона

¼ шолја морска сол

¼ горчлива сол (можете да ја набавите во аптека)

½ пченкарно брашно

2 кафени лажички дестилирана вода

2 кафени лажички етерично масло (кокос, лаванда, ванила…) или малку парфем

Боја за колачи во прав или течна или 1 шишенце екстракт за колачи

Исушени и исецкани ливчиња од ружа или лековити билки (невен, рузмарин, лаванда, камилица, кора од портокал или лимон, цимет, кокос, какао…)

Начин на подготовка:

Измешајте го пченкарното брашно, сода бикарбоната и етеричното масло. Потоа додадете ги солта и лимонтусот. На крај додадете ја дестилираната вода. Водата најдобро е да ја ставите во некое шишенце со спреј, и додека ја мешате смесата додавајте од водата. Ако ја додадете одеднаш сета вода, смесата ќе почне да пени, а Вашиот проект би пропаднал. Кога смесата ќе почне да се обликува во топчиња, престанете со додавање на водата.

На крај, во смесата додадете ги исецканите билки.

Сапунчињата можете да ги обликувате со рацете или со калапи. Оставете ги да се исушат во текот на ноќта и покријте ги со салфета.

Наредниот ден Ви преостанува само да ги потпите во када со топла вода.

Уживајте! :-)

сапунчиња-3

 

Е.С.

 

насловна/thesoapycauldron.co.uk

сл2/etsy.com

сл3/lovelygreens.com