ТИ И ЈАС – Петре М. Андреевски

Ти и јас

Во твоите предници две близни потполошки,
кoј пат ќе ги испуштам душата ќе си ја изгрешам.

Таму ти трепериш, ваму воздухот те прераскажува
и моите престапни години се под твое влијание.

Tвојот збор е во посета на угнетените народи
и блазе им на ушите што можат да го чујат.

Ти чиниш влези – излези во мојата вртоглавица,
а јас мојот ден го препознавм во твојот.

Ти палиш и гаснеш сегде кај ќе поминеш,
а во мене останува огништето и во мене пепелта.

Јас ти ја будам вечната исхрана,
ти ми ги изветуваш дневните пијачки.

Над воздухот што го издишуваш се караат села и градови
и кој за тебе не ќе дознае ќе остане сирак и сиромав.

Ти си најцелосниот душман на моите душмани
и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.

Така ноќна невестулке, така неискажана капко капинко.
така куршуме што мислиш на моето тело,
а ја гаѓаш и погаѓаш само мојата душа.

ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

извор