Љубовни зборови: Што би правел јас без тебе?

Само да ти кажам дека, во текот на мојот престој во Калифорнија, ништо не ми значеше повеќе од моментите поминати со тебе во кафетеријата на кампот, во разговорите за книгите, филмот, и за се и сешто.

Само да ти кажам дека, повеќепати, посакав да бидам личност од приказните затоа што херојот на некој роман или филм би бил помалку невешт објаснувајќи и на хероината дека навистина му се допаѓа, дека сака да разговара со неа и дека чувствува нешто посебно додека ја гледа. Некаква мешавина на нежност, болка или сула. Некое збунувачко заедништво, некоја возбудлива присност. Нешто ретко што никогаш порано не го почувствувал. Нешто чие постоење тој не го ни насетувал.

Само да ти кажам дека едно попладне, тогаш кога дождот не изненади и кога се засолнивме под тремот на библиотеката, го почувствував, а верувам и ти, моментот на збунетост и привлечност што за миг не разбранува. Знам дека само тој ден за малку не се бакнавме. Не се решив на тој чекор затоа што порано ми раскажуваше за дечкото кој е на одмор во Европа, кому не можеш да му бидеш неверна, а и затоа не сакав во твоите очи да бидам тип „како сите други“, кои бесрамно ти се додворуваат, а честопати и без почитување.

Па сепак знам: ако се бакневме, ќе си отидев со полно срце, не ќе ми беше важно дали е дожд или убаво време, бидејќи ти ми беше важна. Знам дека тој бакнеж долго ќе ме следеше насекаде, како блескав спомен кон кој ќе се вртев во моментите на самотија. Најпосле, некои велат дека најубавите љубовни приказни се оние кои немале време да заживеат. Можеби затоа што неостварените бакнежи се уште посилни.

Само да ти кажам дека, додека те гледам, мислам на 24-те сцени на еден филм. Кај тебе првите 23-три сцени се светли и блескави, но од 24тата почнува вистинска тага, што е во спротивност со светлината што ја носиш во себе.

Како во сублимална слика, тоа е пукнатина под сјајот, тоа е слабата точка што те дефинира поверодостојно од она што го покажуваат твоите квалитети и успеси. Не еднаш, се прашував што те прави толку тажна, повеќепати се надевав дека ќе ми раскажеш за тоа, но ти тоа никогаш не го направи.

Само да ти кажам да внимаваш на себе, да не се заразиш со меланхолија. Само да ти кажам да не дозволиш да победи 24тата сцена. Да не дозволиш демонот премногу често да го презема првенството на ангелот.

Само да ти кажам дека за мене си прекрасна и сончана. Но тебе тоа ти го кажуваат педесет пати на ден, што мене ме прави тип како сите други…

Само да ти кажам дека никогаш нема да те заборавам.

 

Мартен

(извадок од „Што би правел јас без тебе“, Гијам Мисо)