Како да се откажете од цигарите?

Најпрво, да Ви напоменеме дека не постои дефиниран начин за откажување од цигарите. Сите различини начини на откажување не функционираат исто кај сите. Доколку сакате да се откажете, треба да сте психички и емоционално подготвени. Исто така, откажувањето од цигарите треба да го направите поради себе, а не за да го задоволите партнерот, семејството или пријателите.

Ви нудиме совет, кој се надеваме дека ќе Ви помогне при откажувањето!

Најпрво, одберете ден и датум кога сакате да престанете со пушењето цигари. Но, потребно е да се држите до таа одлука. На еден лист напишете колку цигари пушите дневно, зошто ги пушите и што правите за тоа време. Ова ќе овозможи да дознаете што Ве предизвикува да запалите цигара. А потоа, напишете ги и причините поради кои се откажувате.

Редовно препрочитувајте си ја листата. Можете да направете и листа од активности кои може да ги практикувате наместо пушењето. Во одредени ситуации, како веднаш по оброкот или на паузата на работното место, обидете се да пушите поретко, пред да се откажете целосно. Наглото престанување со пушење не е добро за организмот. Информирајте го партнерот, семејството и пријателите дека имате план да се откажете од од цигарите и побарајте нивна поддршка.

Секако дека откако ќе се откажете од цигарите ќе мора да превземате одредени активности и мерки на претпазливост. Тргнете ги сите предмети кои асоцираат на пушење, како запалки и пепелници.

Избегнувајте ги местата каде што се пуши. Одете на места каде пушењето е забрането, во кино, во театар, во музеј, библиотека… Имате голем избор! Доколку живеете со лице кое пуши цигари, замолете го да не пуши додека сте Вие присутни таму.

Ангажирајте ги рацете. Пушачите често палат цигара само поради тоа што се навикнати да држат нешто во рацете. Цигарата заменете ја, на пример со пенкало. Исто така, потребно е да пиете многу течности. Но, избегнувајте го кафето и алкохолните пијалоци, бидејќи тие ја зголемуваат потребата за цигара. Кога ќе имате зголемена потреба за храна, јадете исклучиво здрава храна или џвакајте мастики без шеќер. Само така можете да го избегнете зголемувањето на килограмите.

Бидете активни и ангажирани! Погледнете ја листата на активности која ја напишавте претходно. Можете да почнете да вежбате аеробик, зумба, пилатес…

Доколку повторно Ви се јави желба да запалите цигара, земете длабок здив. Држете го воздухот десетина секунди и полека издишете. Повторете го ова неколкупати се додека нагонот за пушење не помине.

По откажување од пушење цигари очекувајте да имате силна потреба од никотин, бидејќи тој создава зависност. Можете да имате зголемена потреба за храна, главоболки, тешкотии со концентрацијата, често кашлање.

SLIKA-2

Е.С.

 

*Во врска со примена на препораките во текстовите со здравје и исхрана, претходно консултирајте се со стручно лице.

 

насловна/mdunleahypnosis.com

сл2/webmd.com