Природни начини за фарбање на косата

Во текот на својот живот жените во просек својата фризура ја менуваат околу 150 пати, од кои фарбањето на косата го зазема најголемиот дел.

Во принцип, косата се фарба со штетни хемикалии кои можат штетно да влијаат врз респираторниот и имуниот систем и врз кожата.

Но, дали постои природен начин на фарбање на косата? Секако дека постои, но, бојата не е толку трајна како хемиски добиената и сигурно е дека нема веднаш да ја добиете посакуваната нијанса, но бидете сигурни дека нема да имате никакви штетни последици.

Кафе. Кафето е одличен избор доколку сакате да ја затемните косата и да ги покриете белите влакна. Едноставно, згответе една шолја јако црно кафе и оставете да се олади. Потоа измешајте го со шолја регенератор и 2 кафени лажици кафе во зрно. Оваа смеса нанесете ја на чиста коса, оставете да делува 1 час и исплакнете со јаболков оцет кој ќе овозможи подолготрајна боја. Доколку е потребно, оваа постапка повторете ја неколку пати.

SLIKA-2

Чај. Црниот чај е одличен за оние кои сакаат потемна коса, а чајот од камилици за посветла. Имајте на ум дека од костенлива никогаш нема да постигнете руса коса, ниту пак, од руса да постигнете црна, туку можете само за неколку тонови да ја затемните или осветлите косата. Во ½ литро вода направете висококонцентриран чај со 5 кесички. Оставете го да се олади. Потоа, чајот измешајте го со регенератор и нанесете го на косата. Оставете да делува минимум 1 час, а потоа исплакнете. Доколку сакате да ги затемните побелените влакна, во чајот додадете и малку свежа или сува жалфија која ќе овозможи отварање на фоликулите на влакното.

Лушпи од лешник. За да ја освежите бојата на Вашата костенлива коса лушпите од лешник се одличен избор. Ставете ги во вода и варете ги половина час. За поинтензивен ефект, откако ќе се олади вратете ја водата на оган уште половина час. Оставете ја водата да се олади, процедете ја и нанесете ја на косата. Оставете да делува 1 час и измијте ја со шампон и млака вода. Но, внимавајте како ја нанесувате водата бидејќи таа може да остави траги на непосакуваните делови на кожата.

Билки. Доколку сакате темна коса во вода ставете коприва, жалфија и рузмарин и варете ги половина час. Оставете да се олади, процедете и нанесете врз косата. Оставете да отстои 1 час и исплакнете.

Доколку сакате руса коса истата постапка направете ја со камилица, шафран, листови од сончоглед и невен.

И за црвена коса направете чај од хибискус, шипки и невен.

SLIKA-3

К’на. Доколку сакате црвена или портокалова коса, к’ната е одличен избор и најпопуларен начин на фарбање. К’ната разматете ја во сад со постепено додавање на врела вода, сè додека не добиете густа смеса налик на кал и нанесете ја на косата. Оставете да делува минимум 2 часа, со тоа што косата ќе ја завиткате во кеса, па во марама или пешкир. Откако ќе се олади исплакнете темелно.

Цвекло и морков. Во зависност од тоа каква нијанса сакате да добиете можете да употребите само едно од нив или да ги искомбинирате. Цвеклото дава црвен сјај, а морковот повеќе портокалов. Една чаша свежо исцеден сок нанесете на косата, а потоа замотајте ја во алуминиумска фолија и оставете да делува најмалку 1 час. Исплакнете и нанесете малку јаболков оцет за бојата да биде подолготрајна.

Лимонов сок. Доколку сакате да ја осветлите косата нанесете лимонов сок и оставете да делува неколку часа или исушете ја на сонце кое повеќе ќе допринесе за нејзино осветлување. Можете да додадете и чај од камилица. Повторете ја оваа постапка неколку пати за подобри резултати.

 

 

Подготвил: Е.С.

 

насловна сл/morroccomethod.com

сл2/ joshua-thomas-rume.squarespace.com

сл3/telegraph.co.uk

 

*Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземeн текстот.