Како да ја отстраните шминката од Вашето лице?

Месец мај, период на голем број прослави. Венчавки, матурски, апсолвентски вечери, се само дел од прославите кои овој месец ќе се случуваат во Вашите животи, а за сите дами тоа значи и носење на гламурозна и тешка шминка која честопати знае да предизвика и најразлични проблеми со кожата на лицето. Затоа, од особена важност е негата на лицето и навременото отстранување на ваквата тешка шминка, за кожата да може слободно да дише.

Затоа, секоја вечер, вадете ја шминката од Вашето лице и пружете му целосна нега за да се ревитализира од сите штетни влијанија коишто го надразнувале во текот на денот.

Шминката може да ја отстраните со помош на повеќе препарати, и тоа:

    • Марамчиња за отстранување шминка – ова е најлесниот и најбрзиот  начин за отстранување на шминката, погоден за брзо отстранување во доцните вечерни часови, кога немате сила и време да направите целосен третман. Марамчињата ја отстрануваат шминката, но не целосно и темелно, така што одреден слој на пудра и шминка останува на кожата. Затоа, марамчињата се одлични за вадење шминка кога сте премногу уморни или немате време, но никако за секојдневна употреба.

 

    • Млеко за вадење шминка – ова е еден од моите омилени препарати за вадење шминка. Поради својата текстура, овој тип производи се доста нежни за кожата, и не само што темелно ја отстрануваат шминката од лицето, туку истовремено и ја негуваат кожата, па таа е нежна и мека.

 

    • Гел за миење лице – производ кој е дел од секојдневната нега на лицето, па е одличен и како отстранувач на шминка. Сепак, најдобро дејствува доколку шминката претходно ја имате отстрането со некој препарат, а потоа остатоците темелно ќе ги отстраните со некој гел за миење лице.

 

    • Мицеларна вода – ова е најновата иновација во козметичкиот свет, со кој секојдневно може да ја отстранувате шминката. Со помош на овој препарат темелно и брзо ќе ја отстраните шминката и притоа нема да предизвикате никаква иритација на очите.

 

    • Двофазно средство за вадење шминка – овој тип препарати со кои ја отстранувате шминката е најчесто наменет за шминката на очите, бидејќи маслата кои во себе ги содржат ваквите препарати, ќе го негуваат подрачјето околу очите кое е доста нежно, а преостанатиот дел од лицето ќе го направат мрсно, па потоа мора да употребите некој друг препарат, како тоник за лице или благ гел, со што ќе ја отстраните дополнителната мрснотија на лицето.

 

  • И секако, секогаш бирајте го препаратот кој најмногу ќе ѝ одговара на Вашата кожа. Изберете го оној препарат кој ќе ја исчисти темелно, ќе ја негува добро, и ќе ѝ даде нежен изглед.

 

Подготвила: Марија Ѓорѓијоска Анѓелеска, beauty-блогер и сопственик на блогот My Make Up Bag M

Photo/ savjetnica.com

 

*За примена на препораките во текстовите поврзани со здравје и исхрана, доколку е потребно, претходно консултирајте се со стручно лице.

*Доколку преземете содржина од mygalalife.com, задолжително е да се постави извор од каде е преземена истата.